Луковиќ со луда тројка од кош на кош го расплака Работнички!
Триумфот добива на значење ако се знае дека е извојуван без помошта на домашната публика бидејќи клубот беше казнет по нередите против Феникс. Освен тоа, дуелот имаше спектакуларен крај во кој во главна улога беше српскиот интернационалец Урош Луковиќ.
Со истекот на времето, при водство на Работнички од 83-82, тој погоди тројка од својот рекет и тоа „без коски“ што предизвика воодушевување во таборот на кумановци. Работнички се наоѓаше пред победа, но не успеа пред време да ги реши дилемите и да стави точка на мечот иако имаше неколку прилики за тоа. Прво Дубински го однесе тимот на +3 на 32 секунди пред крајот (80-77) по што двете екипи си разменија по две погодени слободни фрлања. Прв кој промаши беше Тадиќ за МКК Куманово при 80-82, но на спротивната страна со иста мерка врати Ефремовски. Во следниот напад Хот направи лична грешка при шут за тројка, ама Волер погоди само две од трите слободни фрлања. Работнички имаше уште еден напад, Ѓуроски беше фаулиран и доби два „пенала“ на три секунди пред крајот. Двете ги утна, а потоа Луковиќ ја фати топката, направи едно дриблинг на страна и погоди од цел терен.
Спектакуларната тројка на Луковиќ не можеше да се види или да се сними затоа што на три секунди пред крајот, при изведувањето на слободни фрлања на Ѓуроски, снема стрим.
Радукиќ беше најдобар играч на МКК Куманово со 31 поен, но Луковиќ оствари дабл дабл со 20 поени и 10 скока. Дубински со 18 поени ги предводеше Работнички кој испушти можност да му избега на МЗТ Скопје на една победа.