Леле мајко: КФМ за првите два четврт-финални меча го казни Работнички со – 2.000 евра!

Екипата на Работнички се наоѓа на чекор до пласман во полуфиналето од плејофот по победите во првите два меча од четвртфинална серија против Феникс, а првата шанса за финиширање на серијата ќе ја имаат утре кога ќе гостуваат во Аеродром.

Радоста поради добро завршената задача на домашен терен е драстично намалена поради жестоката казна од комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, поради многуте забелешки забележани од делегатите на натпреварите во СРЦ „Кале“. Центарци во касата на КФМ само поради овие две средби ќе треба да уплатат вкупно 116.000 денари што е најголема санкција за клуб сезонава во еден билтен. Црвено-белите двапати се казнети со по 24.000 денари поради фрлање тврди предмети, а еднаш со оваа сума поради плукање на судиите. Двапати со по 10.000 денари е санкционирањето палењето пиротехнички средства, додека останатиот дел од сумата е поради неисправни технички уреди, неспортско навивање и технички грешки на тренерот Горан Самарџиев и на клупата.

Солидна парична казна доби и Чаир 2030, кој е казнет со вкупна сума од 40.000 денари поради проблемите направени на првите две средби со ТФТ. Една од ставките е за неспортско навивање (8.000 денари), додека остатокот од сумата е поради технички грешки и неисправни уреди.

Двата клуба, како и сите останати казнети во денеска објавениот билтен ќе може да платат за 50-отсто од казната, ако уплатата ја извршат до следниот петок.