Кошаркарите на Куманово го направија најголемото изненадување во осмата рунда од Првата лига, откако вечерва ја замолкнаа преполната сала и го шокираа лидерот на табелата, Гостивар (85-72).

Кумановци блескаа во второто полувреме, кое го добија со дури 19 поени разлика (49-30), што беше доволно да се урне досегашниот бастион наречен сала „Младост“. Горјан Марковски со 24 и Марјан Јанески со 23 поени беа најпрецизни кај победничкиот тим, додека единствена светла точка кај домаќинот беше Американецот Донован Доналдсон, кој средбата ја заврши со дури 38 поени.

По три порази во низа, кошаркарите на Работнички, конечно, победи и тоа совладувајќи го Вардар со речиси 50 поени разлика (103-55). По релативно изедначеното прво полувреме, центарци во третиот период „уфрлија во четврта брзина“ добивајќи ја со огромни 33-8, за крај на сите надежи на црвено-црните дека би можеле да ја искористат кризата во црвено-белиот табор. Хејден Лескот со 22 и Бенџамин Двејн со 20 поени беа најпрецизни кај Работнички, додека Дамјан Робев со 21 поен беше најефикасен кај вардарци.

Во последниот денешен меч, Кожув потешко од очекувањата дојде до бодовите во пресметката со дебитантот Академија ФМП (87-78). И на овој меч клучна беше третата четвртина, која домаќинот ја доби со 26-17 и дојде до победничката позитива. Томас Зданавичиус со 31 поени беше прв стрелец кај гевгеличани, додека Роналд Харис со 21 поен беше најефикасен кај „академците“.

Утре, во Кавадарци, ќе се одигра дербите на колото и тоа помеѓу Еуро Никел и МЗТ Скопје, додека последниот меч е на програмата в среда помеѓу МЗТ Скопје УНИ Банка и Пелистер.