Кожув немоќен против Академија ФМП, Работнички го декласира Охрид

Работнички славеше со убедливи 86-56 против Охрид во осмото коло во кошаркарската Прва лига и така го оствари петтиот триумф, додека победа запиша и Академија ФМП против Кожув со 93-83.

Кошаркарите на Работнички го најавија триумфот уште во првата четвртина, која им припадна со 21-4, а Охрид до полувреме ја подобри играта, но тоа не беше доволно за да избегне голема негатива (18-47).

Скопскиот тим продолжи да доминира во второто полувреме и запиша убедлива победа од 86-56, додека најдобар стрелец во тимот беше Стојан Ѓуроски со 15 поени, а на спротивната страна се истакна Бернард со 19 поени.

Кожув беше изненаден од одличната игра на Академија ФМП, која го доби првото полувреме со 53-40, а го контролираше и вториот дел за во еден момент да стигне до +16, меѓутоа на крајот славеше со 93-83.

Најдобар во победничкиот состав беше Огундиран со 26 поени, додека Криснан постигна 25 поени за Кожув.

Гостивар беше подобар од Вардар на гостувањето во Скопје со 90-75, а во победата блесна Митевски со 17 поени, седум скокови и четири асистенции, додека на спротивната страна Митков постигна 17 поени, пет скокови и три асистенции.