Макбаскет реалност: Странците ги „растураат“ Македонците со резултат - 9-1!

Бројката на интернационалци во македонската кошарка сезонава можеби е на најниско ниво во последната деценија, но тоа не беше причина да се зголеми квалитетот на домашните играчи, што најдобро се гледа по поентерската статистика по првите пет кола од Првата лига во која убедливо доминираат – странците.

Без разлика на фактот што домашните кошаркари имаат загарантирана минутажа, тоа не го зголемува нивниот придонес во играта на прволигашите, барем не во очекуваната мера, бидејќи носители на играта буквално во сите екипи се дојденците, што најдобро се гледа по бројот на просечно постигнати поени. Статистиката вели дека деветмина од најдобрите десет стрелци во досегашниот дел од шампионатот се интернационалци, додека единствен кој барем делумно им ја нарушува доминацијата е Адем Мекиќ од тимот на Пелистер.

Меѓу најдобрите реализатори досега има седуммина Американци и двајца Срби и тоа од седум различни екипи. По двајца интернационалци меѓу најефикасните имаат Работнички и Гостивар, додека по еден „претставник“ имаат МЗТ Скопје, Еуро Никел, Академија ФМП, Кожув и Вардар.

На врвот од листата на Роналд Харис од ФМП со просек од 24,2 поени, зад него е Бенџамин Двејн од таборот на „центарци“ со 23,2 поени додека зад нив е гостиварскиот двоец Ѓорѓе Џелетовиќ со 21,6 поени и Донован Доналдсон со 20 поени. Петтото место го делат Александер Марзет (Еуро Никел) и Еван Пејн (Кожув) со просечна реализација од 19,6 поени, по што доаѓаат Џабари Хиндс (МЗТ) со 19 поени, Данило Мијатовиќ (Работнички) со 18,8 и Ајуда Нувес (Вардар) со 17,8 поени. Бранителот на честа на македонските кошаркари, репрезентативецот Мекиќ, во моментов е деветти стрелец во лигата со просек од 18,2 поени.

Многумина ќе кажат дека поентерскиот ефект на странците е делумно и поради нивната преголема слобода во играта и форсирање на сопствената статистика, но тренерите и управите токму затоа ги доведуваат – да им носат поени, а со тоа и победи. На домашните е да се обидат да се наметнат и со добри игри да им „украдат“ одреден број минути и шутеви на интернационалците, со што би добиле не само тие самите туку и македонската кошарка во целост.