Кочов ја смирува еуфоријата: Ништо не е готово, нѐ чека нова тешка битка во Аеродром!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се на чекор до освојување на нова титула, седма по ред во клупската историја, по вечерашниот „брејк“ на теренот на Работнички, што, сепак, не донесе еуфорија во соблекувалната на аеродромци.

Тренерот Ѓорѓи Кочов слично како и по првиот меч ја „спушта“ топката и не дозволува неговите избраниците да ги фати еуфорија.

„Во натпреварот влеговме во грч, промашивме многу отворени шутеви. Бевме нервозни, бидејќи го знаевме значењето на овој меч. Работнички, пак, влезе растоварено, но во последните четири до пет минути дојде до израз нашиот квалитет и тоа го реши натпреварот. Дамјан Стојановски одигра одлично, но за мене тоа не е изненадувачки. Јас тоа и го очекувам од него, но и од сите останати. Мора да го пофалам тимот, зашто сите имаат заслуга за оваа победа, од тие на паркетот, до оние што беа на клупа. Меѓутоа ништо не е готово, нѐ чека уште една тешка битка пред нашата публика која воопшто нема да биде лесна“, изјави Кочов.

Третата финална пресметка е веќе задутре во салата „Јане Сандански“ со почеток во 20.15 часот.