Клубовите изгласаа да не испаѓа третина од елитата, ама КФМ тоа го – премолче!

Со десет гласа „ЗА“ и еден глас против, членовите на Здружението на прволигашите денеска се изјаснија за намалување на бројката екипи кои би испаѓале сезонава од четири на две, нешто што официјално беше изгласано како предлог до Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), кој треба да го даде конечниот збор по ова прашање.

Против бил само тимот на Фени индустри, а на состанокот не бил присутен претставник на Кожув, додека сите останати прволигаши сметаа дека и следната сезона треба да се игра со 12 екипи, што би значело дека наместо третина од лигата да се пресели во понизок ранг, тоа би го сториле само двата последни тима. За оваа точка на дневниот ред се разговарало најмалку половина час, има и одлука, но за тоа нема напишано ниту еден збор во извештајот од овој состанок објавен на официјалната интернет-страница на Куќата на кошарката.

„На состанокот меѓу другото разговаравме и за намалување на бројката клубови кои би испаднале, сметајќи дека тоа ќе биде во интерес на македонската кошарка. Предлогот беше усвоен речиси едногласно и сега очекуваме за него да се изјасни Управниот одбор, пред кој ќе се обидам да го објаснам размислувањето на клубовите“, вели Мери Ковачевска, првиот човек на Здружението на прволигаши. 

За луѓето од КФМ, кои биле на став дека не треба да се менува оваа бројка, овој дел од собирот на прволигашите како воопшто да не се случил, што е изненадувачки и апсолутно нејасно со оглед што во извештајот е објавено за сѐ останато. Дури и за тоа каква би била официјалната топка на лигата за новата сезона,

Дали усвојувањето на предлог спротивен од тој за кој се залагале предводниците на макбаскетот е причината за ваквото премолчување е прашање на кое одговор може да дадат само луѓето од националната федерација. Но, без разлика на нивното (не)намерно замижување, овој предлог е изгласан и останува да се види ставот на членовите на УО на КФМ по ова прашање, со оглед што нивната одлука ќе биде – конечна.