Ќе биде жешко: Работнички ќе има помош од 200 навивачи на дербито со МЗТ Скопје!

Кога се игра вечното дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички сѐ друго е во втор план, барем така беше во изминативе две ипол децении самостојна Македонија, а така се очекува да биде и денеска кога е на програмата првото кошаркарско „Ел Класико“ сезонава.

Средбата се игра во салата „Јане Сандански“ со почеток во 17.45 часот и е од исклучително значење за двата тима. Домаќинот посакува рехабилитација за лошите резултати и црната серија во АБА-лигата, додека црвено-белите ќе се обидат да останат непоразени со оглед на низата од седум победи по ред во домашната Прва лига.

Центарци се свесни дека против себе имаат квалитетен противник, кој на располагање има дури 12 квалитетни кошаркари, на кои планираат да се спротивстават играјќи на картата на одличната воиграност и пред сѐ на – искуството. Последните информации велат дека кошаркарите на Работнички ќе имаат и каква-таква помош од трибините каде што се најавени околу 200 навивачи на овој клуб, од кои најмалку половина ќе бидат припадниците на групата „Сити парк бојс“.

Колку и да делува оваа бројка мала во однос на вкупниот капацитет на салата (6.500 седишта), сепак, тоа може да биде и тоа како важен ветер во грб во обидот да се направи десант на „Јане Сандански“.

„Без натпревар сме повеќе од две недели што некогаш е добро, но некогаш може и да донесе проблем како што е излегување од ритам. Претстојното дерби и нема некое преголемо резултатско значење со оглед што првенството допрва почнува, но секогаш кога играме против МЗТ Скопје сакаме да победиме. Дербито секогаш е предизвик, без разлика на моменталниот однос на силите. Противникот има голем број квалитетни играчи, но на вакви средби никогаш нема изразити фаворити“, вели тренерот на Работнички, Марин Докузовски.

Дербито воедно ќе има и хуманитарен карактер со оглед што целокупниот приход од билетите ќе оди за помош на поранешниот капитен на двата тима, Стеван Гешовски.

Фото: Basketball.mk