КФСМ донесе Кодекс: На вработените им е забрането сѐ освен – дишењето (ФОТО)
Во Кодексот беспотребно се потенцирани многу работи од општата култура кои се учат од најмала возраст, како внимавање на хигиената, раскренување на масите, а се навлегува дури и во давањето пример како треба да изгледа разговор со колегите односно со посетители.
„Во директниот разговор со други личности или вработените, да не се загрозува личната територија на соговорникот - немојте премногу да се приближувате и внесувате во неговото лице, никогаш не упаѓајте во збор, oставете го соговорникот да се доискаже, па потоа кажете го своето мислење“, се вели во една од точките на новодонесениот документ.
А, само летимичен поглед на новиот документ, според кој мора да се придржуваат оперативците во Куќата на кошарката, наведува на заклучок дека тој е максимално рестриктивен и им забранува буквално сѐ освен слободно да дишат. Тие мора да се воздржат од давање сопствено мислење и ставови, да не ги озборуваат и критикуваат членовите на надворешните работни тела на Федерацијата (судии, делегати, играчи, тренери, статистика...). На вработените им е забрането да доаѓаат на работа во тренерки и патики иако станува збор за спортска организација, а жените не смеат да се облекуваат провокативно без да се наведе кој ќе ја даде оценката за тоа што е провокативно, а што не.
„Вработениот, кој ќе дојде на работа во облека која не е во склад со наведените правила, ќе биде вратен дома и ќе му биде одземен ден од годишниот одмор. Етиката на однесување и правилата наведени во овој Кодекс се од особена важност и мора сериозно да се почитуваат. Нивното кршење нема да се толерира. Почитувањето на Кодексот е задолжително за секој, кој е дел од КФСМ. За непочитување на овој Кодекс следат соодветни дисциплински постапки и казнени мерки“, понатаму е наведено во документот.
Некако најпроблематично, според загарантираната слобода на јавно изразување, делува протоколот кој е задолжителен во случај некој новинар стапи во контакт со вработен во КФСМ, со оглед на наведената процедура за задолжителна пријава на разговорот кај предводниците на макбаскетот. Претставниците на медиумите се претставени како „страшила“ кои сакаат да ги злоупотребат луѓето од Куќата на кошарката, а кои веднаш мора да побараат заштита од своите претпоставени.
„Во случај да ве контактираат директно новинари во врска со КФСМ, веднаш контактирајте го генералниот секретар, пред да одговорите на било кое прашање, дадете интервју или започнете некоја активност, каде што вашата изјава може да биде интерпретирана во името на КФСМ, а потоа и злоупотребена“, се директивите за тоа како да се однесуваат вработените во Куќата на кошарката во случај да им пристапи претставник ан седмата сила.
Како кулминација на сите забрани, се поставуваат нормите за надворешните посетители во КФСМ со што во некогаш најотворената федерација и свратилиште на сегашни и поранешни кошаркарски работници, каде што се воделе многу плодни дискусии, е направен протокол за влез каков што имаат големите конгломерати во Соединетите Американски држави (САД) од страв од корпоративна шпиунажа.
„Секој кој влегува во КФСМ треба да е соодветно облечен: Не смее во тренерки, не смее во шорцеви и бермуди, не смее во кломпи и влечки, не смее да се внесува храна и да се јаде во ходниците и канцелариите на КФСМ. Задожително чекање во чекална (која е во ходникот), пред да биде повикан во соодветна канцеларијата, за каде е дојден. Не смее да се седи во канцелариите на вработените. За влез во канцеларијата на раководството на КФСМ задолжително да се најавите прво кај техничкиот секретар“, кулминираат забраните во новонаметнатите правила за луѓето кои работат во Куќата на кошарката.
Всушност и целиот Кодекс потсетува токму на документ кој може да се сретне во вакви корпорации, а тешко дека дури и во американската кошаркарска федерација постојат толку ригорозни правила за посета од надворешни членови. А, колку за потсетување, КФСМ не е фирма која треба да се бори за профит и да се плаши од новинари, туку е Здружение на граѓани финансирано од сите граѓани на Македонија, меѓу кои се и „страшилата од седмата сила“.