КФМ го зголеми бројот на странци кај дамите, наскоро истото ќе го направи и кај мажите!?
Оваа одлука е изгласана на Вонредното Собрание, одржано по дописен пат, а чии резултати официјално се објавени пет дена подоцна.
„Клуб од Прва лига жени има право на пријавување и настап на најмногу четири странски играчи во составот на еден меч, со настап на не помалку од два домашни играчи во игра на целиот натпревар до завршување на регуларниот дел, супер лигата и плеј-аут натпреварите. Во плеј-оф натпреварите (полуфинале и финале), како и во полуфиналните и финалниот натпревар во Купот, нема да има ограничување на бројот на домашни или странски играчи на терен во текот на целиот натпревар“, се вели во одлуката.
Со ова, дамите се изедначуваат со бројката странци со машките колеги, но егал-ситуацијата може кратко да трае со оглед на се погласните шпекулации дека во Куќата на кошарката се размислува за подигнување на квотата за интернационалци. Неофицијално, многу скоро би можело да се очекува слично дописно вонредно собрание на КФМ, на кое од клубовите ќе се бара да се произнесат дали сакаат во иднина наместо по четири секоја екипа да има по шест странци во своите редови.
Не е тајна дека дел од клубовите, пред сѐ тие што лошо минаа на летниот пазар на домашните кошаркари, прават притисок врз луѓето во КФМ со цел да дојдат до шанса да се борат за висок пласман. Останува да се види дали предводниците на макбаскетот ќе го издржат притисокот, или ќе поништат дел од неверојатни бенефиции кои македонските кошаркари ги имаат со загрантирана минутажа во најголем дел од средбите во сезоната.