И талентиран кошаркар е меѓу загинатите во ужасната несреќа во Кочани!

Кошаркарот на третолигашот Дино Баскет, Петар Ивановски, е меѓу жртвите кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката во Кочани, во која починаа 59 лица, а стотина се повредени.

Тажната вест ја потврдија од неговиот клуб, кој е еден од најголемите расадници на таленти во Источна Македонија.

„Со голема тага ја примивме веста каде што нашиот соиграч Петар Ивановски е еден од жртвите во синоќешната трагедија. Тој беше голем човек со големо срце, беше голем борец и беше МВП на турнир М-14. Тагата е преголема, сочуство до семејството“, напишаа од Дино баскет.

Ивановски, кој имаше 20 години, кариерата ја почна уште на најмала возраст, освојуваше многу трофеи и оствари многу победи со кочанскиот третолигаш во сите возрасни категории. Тој е втор спортист меѓу загинатите во ужасната несреќа во Кочани, по фудбалерот на Шкупи, Андреј Лазаров.