И кошаркарите се бунат: Бараме ист корона-третман како за ракометарите и фудбалерите!

Само неколку часа по реакцијата на кошаркарските тренери за третманот кој овој спорт го добива за време на пандемијата со коронавирусот, со речиси идентични ставови се јавија и самите актери на теренот – кошаркарите.

Тие, преку Асоцијацијата на кошаркарски играчи (АКИ) бараат дефинирање на здравствените протоколи, односно изедначување на сите спортови. Причина за ова е фактот што во изминатиов период кошаркарските клубови се третирани како сите обични граѓани, па цели тимови завршуваат во карантин по позитивен тест на само еден од клубот, додека во фудбалот, ракометот и одбојката толеранцијата е поголема.

Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Асоцијацијата на кошаркарските играчи бара да се дефинираат здравствените протоколи поврзани со Ковид-19 пандемијата, а се однесуваат на одржување на спортски натпревари. Сведоци сме на различно толкување на протоколите од страна на различни екипни спортови, а најголеми губитници сме ние кошаркарските играчи и оние кои го следат и сакаат овој спорт, бидејќи единствено кошаркарското првенство не е започнато.

Првенствата за сите други екипни спортови се започнати, а истовремено и заболените со КОВИД-19 се третираат на различен начин отколку што се постапува со нас кошаркарите. Нашето првенство неколкупати се одлага поради позитивни случаи со КОВИД-19, целите тимови (дури и оние кои се негативни и без никакви симптоми) се ставаат во изолација поради еден позитивен случај и поради тоа нема услови за започнување со натпреварување. Додека во другите спортови само позитивните случаи се изолираат и натпреварувањата и тренинзите продолжуваат.

Ние како спортисти се залагаме за здрав живот и безбедност за сите и апсолутно ќе го почитуваме сите мерки кои ќе бидат наложени, но истовремено во духот на спортот е да има правичност, неселективност и еднаков пристап кон сите, така што бараме протоколите да бидат исти за нас како и за сите. Сите се обидуваме да се навикнеме на 'новата реалност' и важно е да не дозволиме и оваа сезона да пропадне. За нас спортистите да не тренираме и да не се натпреваруваме има големи последици по нашата физичка подготвеност, врз нашата работа и егзистенција, а може да ни се случи и одлив на младите сили и кадри.

Да бидеме безбедни и разумни истовремено и да оствариме и спортски живот со највисоко ниво на безбедност на нашите спортисти! Внимавајте на себе, држете дистанца, спортувајте!“, се вели во соопштението на кошаркарите.

Македонскиот шампионат веќе двапати е пролонгиран, а поради најновите карантини во кои се најдоа екипите на МЗТ Скопје, ФМП, Вардар, МЗТ Скопје 2, тешко е да се очекува тој да почне пред истекот на овој месец.