Гостивар и со изменет состав покажа дека и сезонава дома ќе биде – ептен незгоден!

Екипата на Гостивар со драстично изменет состав влезе во новата сезона, но и покрај тоа покажа дека ќе продолжи да биде „негостољубив“ домаќин, откако вечерва пред своите навивачи ја доби дерби-пресмектата против фаворизираниот Пелистер (75-68).

Гостите беа рамноправен противник само во првата четвртина, во која двапати имаа плус пет и која ја добија со 18-16. Неизвесноста траеше до финишот од вториот период, кога гостиварци со серија 12-4 првпат посериозно резултатски се одлепија (41-33) и дојдоа до водство кое не го испуштија до крајот. Битолчани се трудеа, даваа се од себе, но не успеаја посериозно да му се приближат на домаќинот, барем не доволно за да направат резултатски пресврт.

Џејлен Инграм со 18 поени беше најпрецизен кај Гостивар, додека одлично одиграа и Максим Митевски со 15 поени и 11 скока односно Кристофер Остин со 15 поени и 10 скока. Андреј Маслинко со 18 поени беше најпрецизен кај Пелистер.

Претходно во воведната рунда, Работнички го совлада ТФТ, Чаир 2030 беше подобар од Феникс, МЗТ Скопје како гостин го преслуша Кожув, а Вардар го доби „второлигашкото“ дерби со ГКК Охрид. Последниот меч од првото коло се игра в среда помеѓу Академија ФМП и Еуро Никел.