Гечевски: Дресот на Македонија да биде гордост, а не обврска!

Рамо до рамо со Перо Антиќ на денешната промоција на програмата со која ќе ја „нападне“ претседателската функција беше и неговиот соборник од репрезентацијата, Тодор Гечевски.

Популарниот Тоше претежно говореше за младинските категории и за тоа што треба да се направи за развој на кошарката кај нас.

„Знаеме каде беше репрезентацијата која од редовно учество на ЕП дојде на ниво да игра квалификации за квалификации за квалификации за некое првенство. Сакаме да обезбедиме најдобри услови за репрезентативците, подготовките да бидат во европски центри, со реномирани тренери како од државата така и од странство. Ние сакаме да обезбедиме врвни услови за подготовки, за работата да тргне напред. За да имаме добри резултати потребни ни се реномирани тренери, како од Македонија, така и од странство, кондициски тренери и медицински тим за се заедно да се вклопи во еден успешен проект. Мора да се обезбеди квалитетна опрема и за подготовките и за натпреварите, како мотив плус за играчите да бидат горди да го носат националниот дрес. Мора да биде платено она спортско осигурување, како и дневниците и премиите кои треба да бидат во комуникација со капитенот на репрезентацијата. Но, за да имаме добра репрезентација, мора да работиме добро со младите категории. Затоа треба да соработуваме со школите кои добро работат на овој план, за што треба да ја добие неопходната помош од федерацијата. Во завршна фаза сме со обезбедување објект каде што претежно работеле талентите кои се дел од националните селекции, кои би ги имале сите потребни услови на едно место“, изјави Гечевски.