Финалето конечно почнува: МЗТ брка јубилејна „десетка“, Пелистер лови – историја!

По неочекувана десетдневна пауза, вечерва конечно ќе почне финалната серија од кошаркарскиот плејоф помеѓу МЗТ Скопје и Пелистер, со што ќе биде „спуштена завесата“ на најдолгото првенство во кое биле одиграни најмал број натпревари.

Кулминацијата ќе се случи точно осум месеци по стартот на шампионатот и покрај фактот што немаше Суперлига и што најдобрите екипи едвај одиграа триесетина натпревари, со многу долги паузи какви што не се паметат во досегашните изданија од Првата лига. Но, кога ќе тропне баскетот вечерва во „Јане Сандански“ (18 часот) сите овие небулози ќе бидат заборавени, а очите ќе бидат вперени кон кошаркарите, кои најавуваат борба до крај во лов на јубилејната десетта односно историската прва титула.

Аеродромци влегуваат од првата позиција по регуларниот дел, што им ја носи улогата фаворит, особено што излегоа како победници во двата меѓусебни дуели со ривалот од Битола. Тоа, сепак, не значи ништо во една ваква серија во која влогот е преголем, а во кој еден непланиран кикс може целосно да ги смени работите. Ова е втора година по ред овие два тима да играат за шампионскиот пехар, а лани подобри беа „металците“ со 3-1 во победи.

„Секогаш е чест да се игра во финалето, кое треба да биде кулминација на сѐ што е направено досега сезонава. Пред нас е серија против добро познат противник, со кого игравме многу неизвесни средби изминативе години и кого никако нема да го потцениме. Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме. Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула“, вели Васко Атанасов, тренерот на сино-белата чета од Аеродром, која нема пораз во плејофот по чистите победи во два меча во сериите против Кожув и Работнички.

Пелистерци, пак, мораа да играат „мајсторка“ во четвртфиналето против Феникс, додека во полуфиналето во две средби беа подобри од ТФТ.

„Имавме десетина дена за подготовки, а ме радува што по не знам колку време за првпат сме комплетни. Паузата добро ни дојде, да се подготвиме уште повеќе за она што следува во финалето. Со една победа во Скопје автоматски закажуваме два натпревари во Битола, што е особено важно за нас“, вели Димитар Караџовски, плејмејкерот на Пелистер.

Сезонава првпат по скоро две децении плејофот ќе се игра според системот „2-2-1“ што значи дека првите две средби ќе се играат во „Јане Сандански“, вечерва и в среда, по што следниот викенд ќе се игра во Битола. Ако биде потребно и четвртиот меч ќе се игра во битолската сала „Боро Чурлески“, за евентуалната „мајсторка“ повторно да се игра во Скопје.