ФИБА ја тргна суспензијата, Работнички во најсилен состав ќе тргне кон титулата!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, без никакви проблеми ќе може да ги регистрира странските засилувања за новата сезона, откако Светската кошаркарска федерација (ФИБА) го тргна името на овој клуб од листата должници на кои им се забранети меѓународни трансфери.

Центарци на почетокот од минатиот месец повторно беа санкционирани поради долгувањата кои ги имаа кон својот поранешен играч Дарко Чохадаревиќ, поради кои беа идентично суспендирани и лани во месец мај. Челниците на тимот од „Градски парк“ проблемите со српскиот кошаркар ги решија дури лани во пресрет на Суперлигата, кога им беше укината суспензијата, но поради одреден курцшлус во односите со некогашниот член таа повторно беше активирана пред нецели два месеци.

Најновото издание на листата казнети од ФИБА, на која го нема Работнички, е доволен доказ дека 15-кратниот шампион може слободно да ги регистрира и да ги добие потребните сертификати за Американците Двејн Бенџамин, Крис Кокли и Хејден Лесколт, како и за Србинот со македонски пасош Теодор Атанасов. Ова и тоа како ќе ги намали главоболките на новиот тренер, Димитар Мираковски, кој ќе може да смета на сите потпишани кошаркари уште од самиот старт на новата сезона.

Центарци во првото коло од домашното првенство, кое почнува на 5 октомври, ќе ги одмери силите со новакот ФМП Академија.