Еуро Никел доби(ва) нов газда, Тиквеш ѝ се враќа на македонската кошарка!

Општина Кавадарци наскоро ќе стане сопственик на кошаркарскиот прволигаш Еуро Никел и ќе го спаси од најавеното пропаѓање, откако е почната стечајна постапка врз фирмата која ги поседува сите акции во моментов.

Станува збор за фабриката со истото име, која во последните две децении го донесе клубот да биде трет најтрофеен по Работнички и МЗТ Скопје со три шампионски титули и две победи во Купот на Македонија. Овие успеси беа остварени под името Фени индустри, кое првпат стапи на сцена во 2002 година, кога оваа фабрика го презеде Тиквеш, кој во тоа време беше второлигаш. Претходно оваа екипа настапуваше и како Орка Спорт, кога кон крајот на 20 век оваа фирма на бизнисменот Орце Камчев го спонзорираше кавадаречкиот состав.

„Советот на Општина Кавадарци денеска донесе Одлука за отпочнување постапка за превземање на МКК ЕУРОНИКЕЛ 2005 АД Кавадарци. Со оваа одлука Советот на Општина Кавадарци дава согласност за отпочнување на постапка за превземање на машки кошаркарски клуб ЕУРОНИКЕЛ 2005 Акционерско друштво Кавадарци во целост без надомест, во 100 % сопственост на Општина Кавадарци со обврски во моментот на превземањето. Причина е тоа што врз основачот на МКК ЕУРОНИКЕЛ 2005 АД Кавадарци покрената е стечајна постапка“, напиша градоначалникот Митко Јанчев на социјалните мрежи.

Компанијата „Еуро Никел“ по промената на сопственичката структура ќе остане во клубот, но само како спонзор и тоа со името на новиот газда, турскиот „Голден игл“. Кавадаречкиот тим во новата сезона ќе се вика Голден Игл Тиквеш, барем по завршувањето на сите формалности околу преземањето од страна на општината.