Експресно решен Феникс: Работнички е прв полуфиналист

Најтрофејниот тим во Македонија, Работнички прв обезбеди пласман во полуфиналето од плејофот откако славеше и во третиот меч против Феникс.

Овојпат како гостин, тимот од Центар триумфираше со 106-91 за 3-0 во серијата по што Работнички ќе го чека својот ривал во следната фаза. Иако и во втората четвртина гостите имаа двоцифрена предност, победникот беше решен во третиот период кој составот на Горан Самарџиев го доби со 34-19. Работнички постепено го зголемуваше водството до +19 (84-65) по 30 минути игра. Највисоката предност на мечот изнесуваше 25 разлика, на почетокот од последниот период.

Роберт Рикиќ беше најдобар играч на натпреварот со 24 поени и 10 скока, Ѓуроски додаде 18, а Џелетовиќ 17. Кај Феникс, Метјус постигна 18 поени, но главен фактор беше скок-играта имајќи предвид дека домашниот тим имаше дури 18 скока помалку од противникот (19/37).

Во полуфиналето, Работнички ќе игра со подобриот од серијата меѓу Пелистер и Еуро Никел. Вицешампионот води со 2-0, а третиот меч се игра утре во Кавадарци, но дури и да слави Пелистер на овој натпревар, полуфиналето нема да почне пред да завршат останатите четвртфинални пресметки, а тоа ќе се случи најрано идниот викенд за кога е закажан третиот дуел меѓу Гостивар и МЗТ Скопје.