Докузовски: Се изгуби меракот, ќе биде тешко да се игра пред празни трибини!

Екипата на Работнички сигурно жали повеќе што вечерашното дерби со МЗТ Скопје не беше доиграно, туку ќе мора да продолжи утре пред празни трибини со оглед што неговите кошаркари играа далеку подобри и имаа двоцифрено водство во поголем дел од мечот.

Немилите сцени донесоа разочарување и кај стратегот на центарци, Марин Докузовски, кој призна дека не знае каква ќе биде мотивацијата кај неговите кошаркари на утрешната средба без навивачи.

„Ние дефинитивно сме во полоша ситуација сега, бидејќи игравме добро, ја имавме контролата врз резултатот. Сега треба да продолжиме утре и повторно ќе треба да го бараме посакуваниот ритам. Без разлика на сѐ, поради ваквите работи се губи меракот за дерби натпреварите, кои би требало да бидат празник на кошарката. Ова беше меч кој не решаваше ништо и кој во поголем дел имаше добра атмосфера. Штета што не доврши до крај“, изјави Докузовски.

Вечното дерби ќе продолжи од 27. минута со водство на Работнички со 62-50.