Дебитантот на клупата на Работнички доби(ва) помошник со ептен звучно презиме (ФОТО)

Поранешниот кошаркарски репрезентативец, Димитар Мираковски, вчера и официјално стави крај на играчката и ја почна тренерската кариера, предводејќи го Работнички до убедлив триумф против младинците од МЗТ Скопје УНИ Банка (103-58) во меч во кој имаше помошник со сигурно најзвучното тренерско презиме во Македонија – Андреј Лечиќ Апостолски.

Станува збор за внук на легендарниот Лазар Лечиќ, кој изминативе години работеше во младинските категории, но и се школуваше за тренерската професија во соседна Србија. Раководството на центарци реши да му даде шанса на талентираниот стратег со сигурно најкошаркарскиот ген во себе да покаже дел од акумулирањата знаење, собрани од формалното образование, но и од бројните совети добиени од својот дедо. Мираковски и Лечиќ-Апостолски се дебитантски тандем од кој црвено-белите имаат големи очекувања, а кој ќе работат под будното око на Марин Докузовски, кој сега ја има функцијата на шеф на стручниот штаб.

Токму поранешниот селектор и тренер со најмногу титули во домашното првенство ќе има за него несвојствена улога во Работнички, барем во делот на натпреварите, со оглед што е пријавен во КФСМ како – службен претставник. Останува да се види само дали Докузовски ќе издржи да остане закован за клупата за време на средбите на кои ќе биде седнат до тандемот Мираковски-Лечиќ, со оглед што според правилата тој нема право да станува и да дели совети додека играта е во тек.