Блокотехна не знае за пораз: Главчев и Мијатовиќ го торпедираа Вардар!

Кошаркарите на Блокотехна остануваат лидери на прволигашката табела, откако вечерва, без никакви проблеми, дојдоа до петтата победа по ред сезонава и тоа како гости против Вардар (88-67).

По релативно изедначената прва четвртина, гевгеличани уфрлија во четврта брзина и одиграа фуриозно во вториот период, кој го добија со дури 18 поени разлика (36-18), предност која умешно ја задржаа до самиот крај. Горан Главчев и Данило Мијатовиќ со по 20 поени беа убедливо најдобри кај екипата од Негорци, додека идентичен поентерски учинок имаше и Американецот Џунелиус Провел во црвено-црниот дрес.

По стартните три победи, втор по ред неуспех претрпе тимот на Куманово, кој по поразот во минатото коло од Работнички, вечерва како гостин загуби од Кожув (50-56). Тоа беше меч во кој обрачите беа буквално скршени од промашувањата на кошаркарите на двата тима, што најдобро покажува фактот што заеднички едвај ја минаа границата од сто поени. Пековиќ и Караколев со по 11 поени беа најефикасни кај гевгеличани додека Ѓекиќ со 14 поени најпрецизен кај кумановци.

Слободен во ова коло беше Работнички, а синоќа МЗТ Скопје беше подобар од АВ Охрид, а Гостивар го совлада Фени индустри. Шкупи откако не го плати долгот средбата со Пелистер ќе ја загуби со службен резултат.

ТАБЕЛА: Блокотехна 5-0, МЗТ Скопје 4-1, Работнички 4-0, Фени И. 3-2, Куманово 3-2, Кожув 3-2, Гостивар 2-2, Вардар 0-4, Пелистер 0-4, АВ Охрид 0-4, Шкупи 0-3.