Битолско-аеродромска „војна“ и за третиот од последните четири трофеи во макбаскетот!

Екипите на МЗТ Скопје и на Пелистер во моментов доминираат во македонската кошарка, а последен доказ за тоа е вечерашното финале од Купот на Македонија на завршниот турнир во Битола (18 часот) што ќе биде трета пресметка за трофеј помеѓу овие два тима изминативе две години.

Битолско-аеродромска „војна“ имаше во последните два финални дуели од плејофот, а ова ќе биде првпат двата тима да се сретнат и во натпреварот кој ќе реши за добивање на епитетот куп-победник. МЗТ до оваа привилегија дојде по победите против Гостивар и Работнички, додека Пелистер на патот до финалето ги елиминира Феникс односно Еуро Никел. Букмејкерите ги означија сино-белите како благ фаворит за триумф, но како се приближува почетокот на средбата така паѓаат коефициентите за победа на битолчани, што значи дека во „Боро Чурлевски“ ќе следиме возбудлив, изедначен и до крај неизвесен дуел.

Искуството дефинитивно е на страна на скопјани, кои во своите редови ги имаат веќе легендарните Војдан и Дамјан Стојановски, чие присуство на паркетот има вредност еднакво на „тон злато“. Тоа најдобро се виде и во вчерашното полуфинале против вечниот ривал, во кое Војдан блескаше и речиси сам го внесе својот тим во битката за титулата. Свои адути, секако, има и Пелистер, меѓу кои најголем е Јуре Планиниќ, ако се суди според синоќешната блескава полуфинална партија, кога на кавадарчани им даде 27 поени со две промашувања од кои дури 24 поени беа во првото полувреме. Тука се и Андреј Малинко и Андреј Магдевски, без кои не може да се замисли играта на зелено-белите, а џокер од сенка е ветеранот Александар Костоски, кој ако биде шутерски расположен тогаш мрежичките на противничкиот кош дефинитивно ќе „изгорат“.

Интересот во пелагонискиот регион за вечерашното финале е големо и речиси сигурно е дека салата ќе биде исполнета до последно место. Најголем дел од присутните ќе навиваат за Пелистер, но поддршка од трибините ќе има и МЗТ, чии навивачи најавија дека ќе допатуваат за што и добија дозвола од организаторот на турнирот. Ова ќе биде 17-то финале за тимот од Аеродром во кое ќе го брка 12. победнички пехар, додека битолчани по вторпат ќе играат во битката за трофејот и тоа по пауза од 15 години, откако во 2009 година загубија од Амак СП на турнирот во Охрид.