Битола „падна“ од втора: МЗТ во четири меча го реши Пелистер за - деветта титула!

МЗТ Скопје по деветти пат во клупската историја дојде до шампионската титула, откако со вечерашната победа на гостувањето кај Пелистер (102-93) ставија крај на финалната плејоф-серија во четири меча (3-1).

Ова беше фантастична офанзивна вечер на кошаркарите од Аеродром, кои како да не знаеја да промашат, во што предничеше Немања Милошевиќ, кој само во првото полувреме постигна 22 поени. Битолчани, барем во првите две четвртини, му парираа на расположениот ривал речиси во сѐ освен во скок-играта (7-14) што беше главна причина поради која гостите на одмор заминаа со мала позитива (51-56). Домашните, сепак, во второто полувреме почнаа многу повеќе да грешат, погодуваа поретко, што го искористија сино-белите, кои со старт 7-1 дојдоа до првото двоцифрено водство на вечерта (63-52).

Ова не ги обесхрабри зелено-белите, кои вратија со серија 11-2 и спуштија на само минус два (63-65), најавувајќи дека нема лесно да се откажат од борбата за евентуална „мајсторка“. Но, се покажа дека тоа е последниот посилен отпор што го прижија вечерта, бидејќи по неколку минути „металците“ дојдоа до поголемо највисоко водство (81-68) со кое го најавија крајниот епилог. Ваквиот развој на настаните го намали ентизујазмот не само кај избраниците на тренерот Марјан Илиевски туку и кај неколку илјадната публика во салата „Боро Чурлевски“. Точка на средбата стави Дамјан Стојановски со тројка за 95-80 кон средината на последниот период, со што станува јасно дека ова ќе биде последниот меч од сезоната

Милошевиќ, очекувано, заврши како најефикасен кај МЗТ Скопје со 31 поен и пет скока, додека зад него беа Војдан Стојановски со 17 поени и шест асистенции и Роберт Рикиќ со 17 поени и седум скока. Никола Малешевиќ со 21 поен и Игор Кесар со 19 поени беа најпрецизни кај Пелистер.

Со одбранетата круна, тимот од Аеродром остана втор на вечната листа најтрофејни во македонската кошарка, каде што уште некое време на врвот ќе биде сѐ уште неприкосновениот Работнички со 15 титули.