
Атанасов: Титулата ја потврди нашата класа, заслугите се буквално на - сите во клубот!
Сезоната ја почна Александар Петровиќ, по кого дојде Драган Николиќ, за на стартот од плејофот да биде заменет од помошникот на двајцата, кој умешно и успешно ја доврши работата и ја оствари целта. Атанасов не само што ја запиша првата шампионска „цртка“, туку истовремено стана и најмлад тренер кој дошол до трофејот и тоа со 29 години и два месеци, седум помалку од Емил Рајковиќ кога првпат се радуваше со Фени индустри во 2008 година.
„Радоста е огромна. Титулата ја потврди нашата класа, но и е награда за сиот труд вложен на стотиците тренинзи почнувајќи од август. Верувавме во себе, го анализиравме секој противник и поставувавме посебна игра со цел да му ги искористиме слабостите и на крајот дојдовме до целта. Заслугите за овој успех се буквално на сите во клубот, од прв до последен. Огромна благодарност за кошаркарите, за трудот и за вербата што ја имаа и за моите соработници од стручниот штаб. Вложивме голем труд и сега заслужено треба да прославиме“, ни изјави шампионскиот тренер на МЗТ.
Атанасов сезонава го предводеше тимот од Аеродром на девет натпревари, од кои осум на домашна сцена и еден во АБА (на гости против Сплит) и успеа да го добие – сите.