Антиќ денеска ќе добие втор мандат за прв човек на КФМ – пак без противкандидат!

Првпат по скоро две децении, денеска се очекува да има мирно Изборно собрание на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на кое Перо Антиќ ќе добие нов четиригодишен мандат.

Пред четири години тој водеше жестока битка со Петар Наумоски и Владимир Темелковски надвор за време на кампањата, но од разни неспортски причини на крајот испадна единствен кандидат откако другите двајца (не) по своја волја во последен момент решија да се повлечат од битката. Противкандидат и овој пат ќе нема, но овој пат не поради надворешни притисоци и закани, туку поради немање интерес.

Имаше најави дека Антиќ ќе биде предизвикан од поранешниот судија и сега делегат, Петар Денковски, кој е директор на голема и успешна компанија, но тие не се реализираа на терен. Станува збор за еминентен кошаркарски работник, кој ужива поддршка кај најголем дел од кошаркарската база, а кој најверојатно проценил дека во моментов не му одговара да влегува во битка на терен која може да биде и непријатна и „под појас“, пред се поради општествениот статус кој го ужива. Што не значи дека во блиска или подалечна иднина нема да биде можеби идеален кандидат за местото на прв човек на КФМ.

Пред (ре)изборот на Антиќ прво ќе биде разгледана работата на Куќата на кошарката во 2022 година и финансискиот извештај, кој потоа клубовите ќе треба да го усвојат, но откако ќе добијат отчет како предводниците на макбаскетот го потрошиле буџетот во износ од два милиони евра.