Кошаркарите на МЗТ Скопје десетти пат триумфираа во Купот на Македонија, кој годинава првпат се игра под името Благоја Георгиевски-Буштур, откако во денешното големо финале со максимално агресивна игра го совладаа големиот ривал Работнички (77-69), со кого сега се изедначија на вечната листа победници во ова натпреварување.

Тоа не беше посебно квалитетно финале, но беше видена фантастична борбеност и огромна желба за триумф кај двата тима, кои одиграа фанатично во одбраните, што на крајот резултира со неочекувано мал број поени, нешто невообичаено за пресметките на најголемите ривали. Пресметката за трофејот донесе рововска битка, со речиси шаховски минијатури, во кои дефанзивата беше клучна за крајниот исход од натпреварот.

Аеродромци апсолутно заслужено дојдоа до посакуваниот пехар, со оглед што доминираа во текот на сите 40 минути, а во повеќе наврати имаа и двоцифрена позитива. Составот од „Градски парк“ колку и да се трудеше не успеа да најде одговор за агресивната и пред сѐ подвижна одбрана на противникот, која буквално не им даде око да отворат во обидот да постигнат поени. Згора на тоа, најдобрите играчи на црвено-белите, Демиер Питс и Филип Бундовиќ, прерано влегоа во проблеми со личните грешки, а последните пет-шест минути ги проследија од клупата, заедно со Димитар Караџовски – сите поради пет прекршоци.

Дамјан Стојановски одигра капитенски и со 19 поени беше најпрецизен кај МЗТ, додека Бојан Крстевски постигна 16 поени, а Хасани Гравет и Феми Олуџоби по 13 поени. Иван Аска со 20 поени беше убедливо најдобар кај Работнички.

По паузата за куп-завршницата, кошаркарските возбудувања продолжуваат в среда со првите средби од четвртфиналето од плејофот.