Прилеп доби современ мултифункционален спортски центар
Во рамки на овој спортски комплекс изградено е: фудбалско игралиште, игралиште за кошарка, игралиште за одбојка и фитнес зона опремена со современи реквизити.

Со оваа инвестиција на Министерството за спорт, Прилеп се приклучува на мапата на локалните самоуправи во државата кои добиваат современи и функционални простори за спорт и рекреација. Новиот спортски центар обезбедува услови за развој на спортот, рекреацијата и здравите навики кај граѓаните, со посебен фокус на младата популација.

Со ваквите инвестиции и успешно реализирани проекти испраќаме јасна порака дека спортот е приоритет и дека вложуваме во подобра иднина за младите. Нашата заложба како Министерство за спорт е инвестициите во спортската инфраструктура да бидат рамномерно распоредени низ целата држава и спортот да биде достапен за сите – изјави министерот Ристовски.

Министерството за спорт продолжува со реализација на програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава. Целта е создавање достапни, безбедни и квалитетни услови за спорт за сите граѓани, како и поддршка на локалниот спортски развој.

