Фала ти Кире! Е сега пливајте сами!

ВЛАДКО АРСОВ

Како денот на мрморецот (02.02.), секој нов јануари ни се повторува со истите рутини и ритуали, врзани за македонската ракометна репрезентација. Ако во нешто не верувате, повторете го неколку пати и ќе ви стане вистина, велат, така и нашето 15. место, кое упорно нè убедува дека националниот тим на кој сме најгорди, веќе долго време не е во иста галаксија со нашите желби и очекувања. Состојбата на стагнација е очигледна, само како да имаме и школски пример за една друга појава – илузија. Сонуваме олимписки квалификации и мечтаеме за четврт, полуфиналиња, а кога всушност проблем ни е пробив преку филтерот на прелиминарната група.

Овој пат фатален удар ни зададе дури и група без скорешни светски и европски прваци, со Австрија и со Чешка кои досега беа противниците од кои собиравме бодови на првенствата, со Украина, која немаше ни да влезе на завршниот турнир да не беше проширен на 24 селекции. Можеше да биде кој било во групата и впечатокот повторно ќе беше ист, бидејќи не се ривалите причинители за мирисот на расипан заб – ние сме.

Играта ни беше проѕирна и читлива, концентрацијата кревка и надразлива, а дисциплината спорадична појава. Значи, не ни почнавме да зборуваме за квалитет, тактика и техника, кога паѓаме прво на параметри кои се задолжителни општо во спортот. Ракометните варијабли, пак, во калкулациите на селекторот Данило Брестовац ги нарушија фактори како мала клупска минутажа на некои играчи и лоша физичка подготвеност. И сето заедно на теренот произведе лош, непостојан перформанс, како раштимана збирштина од ноти, кои болат на слух.

А досега требаше ја научиме песната, зашто ја вергламе, барем, пет години. Подмладување, подмладување, подмладување во сите форми и облици. Почна во 2016 кога Кузмановски отпатува на ЕП во Полска. Тогаш воодушеви детето од 19 и пол години и влеа надеж дека имаме иднина. Четири првенства подоцна истото момче е најголемото разочарување во нашиот состав, симболизирајќи го колосалното потфрлање на сите инволвирани во ракометот, во фамозниот процес на подмладување. На чело на верижниот судир се самите играчи, сега со по 23-24 години, сè уште без особината „лидерство“, во себе, како Кире Лазаров на почетокот на новиот милениум или без квалитетите „дрскост“ и „храброст“, како што ги красеа Мојсоски и Миркуловски уште пред деценија и пол.

Очигледно, не можат да се справат со тој некој синдром на притаеност, додека има кој да влече како локомотива. Капитенот направи за оваа држава повеќе отколку сите политичари заедно од 1991 наваму, ама изгледа за доброто на наследниците најдобро ќе биде да се повлече, бидејќи тие непара се кадарни да расцутат додека се во неговата сенка. Сега се како тинејџери, кои не мора да си ја расчистат собата сè додека мајка им е тука да го направи тоа за нив. Без него ќе биде тешко и ќе биде мачно, мора еднаш да се пуштиме да пливаме без гума за спасување, во спротивно само ќе продолжиме да претаме во место.

Неговата најавувана пензија, која ја зборуваме веќе неколку години како судниот ден за нашиот ракомет, подобро нека се случи како одлепување фластер, брзо и наеднаш, зашто во спротивно она што останува од македонската репрезентација нема да мрдне од фластерот на сопствените лимити. И актуелните и репрезентативците кои надоаѓаат задолжително да си ја повторуваат за добро утро и добра ноќ неговата биографија, бидејќи нему никогаш не му била проблем ни физичката подготвеност, ни животот надвор од теренот, ни странскиот јазик, ни минутажата во клуб.

Иднината е за неколку години, но иднината е и „утре, задутре“. Во април ќе се соочиме со најновата верзија од неа, со засилениот филтер за влез на Светско првенство. Промени се потребни, но не само декларативни, туку такви што ќе донесат нов резултат. Данило Брестовац не успеа да го ублажи тој мост меѓу младите и старите, а на хартија делуваше дека е вистински човек: со години предводник на младите, дамнешен познаник на старите. Самиот се пожали за хемијата на терен, за лош однос меѓу некои играчи, а за тоа, богами, никој не му е виновен. Ако сака да остане на „жешкото столче“ ќе мора да повлече некои драстични потези и да смени нешто во стилот, методологијата, пристапот на работата. Да добие отказ е лесно, но националниот тим ќе продолжи да биде заплеткан во јазол и по него. Овде не се работи за имиња и за поединци, туку за иднината на репрезентацијата. Ниедна жртва не е поголема отколку таа самата, ако не се третира што поскоро.