ФФМ ко(без)вид-19

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Ако некому досега не му беше јасно дека македонскиот фудбал го водат најнеспособните и најнеуките луѓе, веројатно (ќе) му се разјасни после денешната одлука за прекин на првенството и непрогласување на шампион.

Оваа глупост им е како круна на севкупната фарса што ја приредија фотелјашите заседнати во најмоќната спортска организација во Македонија. Само жално и тажно е што ФФМ веќе со години го води истата фудбалска Влада, на која сите (не)свесно замижуваа, па и веруваа во прикаските што куќата на фудбалот и нејзините мегафони го трубеа. Требаше короната да ни покаже дека – за ништо не ги бива!

Македонија ќе се памети во фудбалскиот свет како уникатна земја во која поради коронавирусот направи таква фарса за која „сто паметни“ не можат крајот да ѝ го врзат. Ајде што донесоа одлука за доигрување без испаѓање, па ја проширија лигата, „вториот удар на Ковид-19“ не дозволи да си го реализираат сценариото, па на крај пресудија да се прекине фудбалот и да нема шампион. Во „земјата на чудата“, Вардар остана ненаграден за трудот по 23 кола и убедливата предност, ама второлигашите добија елитни места со 16 меча и ситна позитива.

Сега може ФФМ и нејзините мегафони да ја „ишкаат мувата“, а како и секогаш да бараат друг виновник за севкупната фудбалска состојба и тоа само за да се изземат од одговорноста, ама дека фудбал нема да се игра беше очигледно во изминатите два месеци. И не затоа што сега короната со вториот бран ги помати плановите, туку поради неспособноста и индолентноста на заспаните фотелјаши, кои во „пет до 12“ им текна дека требало да направат протокол, а после тоа да чекаат „зелено светло“ од здравствените и државни власти.

Што ли тоа господа во ФФМ, сработивте за доброто на фудбалот во овој кризен период во изминатите два месеци, освен што на почетокот на март се прошетавте до Амстердам и двапати имавте видео-конференција со УЕФА на која нешто разбравте, а нешто (не)свесно го пропуштивте да го кажете?

За еднаш и за секогаш да не се „правите на Тошо“, а целата фудбалска јавност, колку и да е малубројна да не ја правите луда со смешните одговори, сами си признавте дека ниту ве бивало, а ниту ќе ве бива за фудбал со само три реченици во вашиот протокол за фудбал во ек на корона. Настрана што речиси сите детали ги разработивте, па ставивте и небулозни барања за да се изземете од секаква одговорност, на крајот си признавте во делот на „ограничувања и недостатоци“ со години само сте ги замајувале сите дека нешто сте (с)работеле.

Повеќе од шест години прикаските на старо-новото раководство во кое само претседателот е сменет и ништо повеќе, нè отрувте како се подобрува инфраструктурата, а таа да ти била проблем за реализација на планот за фудбал во ек на корона. Со години после секое Собрание трубевте со фанфари како тоа добро работите со силните милиони од буџетот, а освен хаварија со крадење за кое има отворена постапка во јавното одбинителство, дочекавме да видиме дека тестирањата и скапите тестови биле „ограничување“ за да се продолжи со фудбалот.

За да се игра(ше) фудбал во Македонија, требаше да засукате ракави уште од првиот ден кога се прекина првенството. И оттогаш да разработувате планови, сценарија, начини, протоколи за да се изборите за својот сектор. Не требаше да спиете, да клатите врата и да земате плата за ништо и потоа одеднаш да ви текне да исфорсирате протокол и доигрување на сезоната во која немаше фудбалски консензус да се игра по глупаво и наметнато сценарио, а уште помалку кога на состаноците не сакате да ги консултирате и фудбалерите преку своето здружение за тоа дали летните услови и нашата инфраструктура е адекватна за да одговори на таков проект.

Дури и наједноставниот начин, да договорите и да платите скрининг во 20-на дена не успеавте да го реализирате. Не требаше да чекате никого, требаше само да издвоите пари од големиот буџет и многу порано да ги тестиравте сите, па со изолации, одреден период, да го дотуркате фудбалот до некаков рестарт.

Ама и за тоа сте неспособни, па синдикатот на фудбалери се нафати на нешто што не им е обврска, за да дознаеме дека два клуба се заболени, а еден во целосен карантин по што прикаските за фудбал летово исчезнаа.

Да бидеме на чисто, од Вас како фудбалски властодршци требаше да видиме одговорност, храброст и капацитет, а короната ни го покажа обратното - неспособност. Ако сакате да се споредувате, Белгија прва пресече, иако можеби сега има и подобри услови за фудбал во таа земја. Исто и за Холандија, исто и за Франција. Од друга страна, таму каде што продолжи фудбалот, распрашајте се колку тестирања се направени за да се исчисти фудбалот, колку порано беа донесени протоколите, колку фудбалскиот сектор заедно работеше за да се рестартира играта. И секаде каде што се игра или не се игра фудбалот, има оправданост и логика. На тоа што ФФМ го донесе денеска како конечна одлука е – мизерно и срамно.

За жал, нас требаше да ни се случи најголемата криза за очигледно и најзаспаните да се разбудат за да видат дека фудбалот ни отиде во пропаст. А, во таа пропаст галопира одамна, само што сите се правеа или подобро кажано нè правеа луди.

Со федерација во која интерес е да си претседател и да имаш годишна плата колку четиригодишна на еден доктор кој е во прва борбена линија со вирусот, во која интерес е да си член на УО зашто за еден состанок земаш натпросечна плата, се гоштеваш, патуваш, а ни еден спонзор не носиш и за потрчковци кои за добра плата го „унапредуваат фудбалот“, прашање е дали воопшто во Македонија ќе има услови да стартува новата сезона.