Ваучерите се добри, критериумите се – ужасни!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Изминативе пет години средината од февруари носи два возбудливи дена за спортските актери и јавноста која будно ги следи – првиот со објава на износите на спортските ваучери, а вториот со критики и обвинувања од незадоволните кон тие што ги одредуваат. Така е од 2019 година до денес, без никаков исклучок, бидејќи секогаш има клубови, федерации, спортисти кои сметаат дека заслужиле повеќе, но и дека има миленичиња на власта кои незаслужено добиле дел и од нивниот колач.

Што и да направат, челниците на АМС се плукани. И тоа заслужено. Не поради нападите од незадоволните, туку поради начинот на кој ги одредуваат ваучерите. Критериумите пет години се тајни, никогаш јавно не се објавени, поради што се отвора простор за манипулација. А тие што ги знаат велат дека се – ужасни. Застарени, нејасни, двосмислени и со стравично лоша градација во бодувањето.

Смешно е шампионите да бидат изедначени со првите во Вторите лиги, небулоза каква што тешко дека е видена во светскиот спорт. Исто како и доделување ист број бодови на тие со еден и тие со десет сениорски репрезентативци. Згора на тоа, никаде не е дефиниран поимот репрезентативец – дали за тоа спортистот треба да е на поширокиот или потесниот список, да е во тимот на натпреварите или, пак, да мора барем една минута да биде на теренот. И како кулминација на сите глупости, кој нормален изедначил настап во ЛШ со играње еден-два меча во некој си Челенџ куп. Или на АБА-лигата, која е меѓу трите најдобри во Европа со т.н. Балканска лига, која е полоша дури и од првенството на Бурунди.

Многумина мислат дека ваквите лоши и нејасни критериуми се намерно направени, за да има простор за манипулација и вмешување на човечки фактор. За ваучерите, како и за сѐ друго кај нас, да зависат од партиска определба, пријателски врски или од процентот кој потоа ќе биде даден под рака. Па затоа, многу помалку од тоа што предвидела државата завршуваат кај спортистите и тоа најголем дел од колачот кај тие што и не го заслужиле тоа.

Идејата за спортски ваучер е одлична. Сумата од 10 милиони евра е сосема доволна да се дојде до развој на спортот. Но, фали стратегија. Недостасува стручна комисија на државно ниво, која ќе оцени за кои спортови сме талентирани и во кои спортови може да имаме успеси, која ќе направи валидни критериуми и која ќе стави крај на злоупотребите по секаква линија. Само така ќе прекинат небулозите од доделување ваучери од десетици милиони денари на клубови без традиција, кои постојат кратко, кои немаат историја, младинска база и кои важат за инстант-производи за одредени цели. А, такви примери има многу и тоа не само годинава, туку и во претходните четири години.

Затоа е потребна чистка на сите нивоа. Од Наумче Мојсовски и најблиските соработници, од комисиите кои изминативе години работеа по нивни наредби, а без желба да се побунат и јавно да кажат дека им се врши притисок, до тие што го направија спортскиот ваучер да биде подложен на корупција и грабеж. Инволвираните во овој процес изминативе години, разните советници, помагатели, суфлери, сите што имале било каков бенефит мора да се најдат пред судот на јавноста и пред сѐ – судот на државата.

А државата мора сама да ја преземе обврската за исплата на ваучерите. Парите мора директно таа да ги префрла на федерациите, клубовите, спортистите. Само така ќе ги елиминира посредниците за процент, кои ептен се накотија изминативе години. И само така спортот ќе остане чист.