Силверстоун, сепак, ќе се вози и покрај задолжителниот карантин!?

Новата сезона во Формула 1 не почна поради пандемијата на коронавирусот, а пред неколку дена беше објавено уште едно разочарување за љубителите на спортот бидејќи трката на легендарниот Силверстоун не требаше да се одржи поради задолжителниот карантин, но очигледно ситуацијата се променила, па британските медиуми објавија дека и покрај тоа трката ќе се вози.

Според правилата на британската Влада, сите кои влегуваат во државата од 8 јуни мора да бидат во 14-дневен карантин за да се спречи ширење на коронавирусот, а исклучок ќе има само за сезонски работници, доктори и останати лица.

Извор од британската Владаза „Би-Би-Си“ кажал дека трката не е откажана и покрај задолжителниот карантин.

„Свесни сме дека во текот на летото ќе има големи спортски настани. Поставени се строги протоколи за да се одржат тие. Сепак, ќе разговараме со нив во следните неколку недели и ќе откриеме повеќе детали по следната анализа“, соопштил изворот и така ја оставил отворена вратата за трката.

Извршниот директор на Силверстоун, Стјуарт Прингл кажа дека се надева на позитивна реакција од Владата и дека ќе се одржат трките на 19 и 26 јули или 26 јули и 2 август.