Рејсинг Поинт ја одреди замената за Перез, кој е позитивен на Ковид-19

Нико Хулкенберг ќе вози во болидот на Рејсинг Поинт на претстојната трка за Големата награда на Велика Британија и ќе го замени Серхио Перез, кој вчера беше позитивен на коронавирусот.

Германецот се враќа во Формула 1 и повторно ќе биде со тимот за кој возеше во 2012 година и од 2014 до 2016 година, но тогаш под името Форс Индија. Хулкенберг замина од Ф1 кога пред крајот на ланската сезона Рено реши да не му понуди нов договор.

„Очигледно ова е тешка ситуација за тимот и за Чеко (Серхио Перез). Тој ми е другар, поранешен тимски колега и му посакувам што побрзо да оздраве. Ќе го заменам и ќе се обидам да возам најдобро што можам за тимот“, изјави Хулкенберг.

Во Формула 1, Хулкенберг има настапено на вкуно 177 трки, има само една пол-позиција, но никогаш се нема качено на подиумот. Вкупно има освоено 511 поени во кариерата.