Расел пред заминување од Мерцедес поради Ферстапен

Британскиот пилот Џорџ Расел објави дека преговорите околу продолжувањето на договорот со Мерцедес се забавени бидејќи германскиот тим има голема желба да го донесе светскиот првак Макс Ферстапен.

Договорот меѓу Мерцедес и Расел истекува на крајот од оваа сезона, а Ферстапен во својот договор со Ред Бул има клаузули за прекин на соработката што го прави овој трансфер апсолутно возможен. Тоа, од друга страна, ја отежнува работата за Расел кој би можел идната сезона да води за друг тим.

„Ако сакаш да се вратиш на врвот, треба да се увериш дека располагаш со најдобрите возачи, најдобрите инженери и најдобрите механичари во боксовите. Кон тоа се стреми и Мерцедес и затоа е нормално преговорите со Ферстапен да се одвиваат“, рече Расел.

Не е исклучено тој да остане како втор возач во Мерцедес, но и за тоа треба да преговара со шефот Тото Волф кој, како што вели, уште не покажал интерес за продолжување на соработката.