Вилијамс нема да ја повтори истата грешка: Жал ми е за тоа што се случи минатото лето

Шпанскиот репрезентативец Нико Вилијамс според последните најави треба да се пресели во редовите на Барселона и би било големо изненадување доколку овој трансфер не се реализира во наредниот период. 

Иако интерес за талентираниот офанзивец покажа и германскиот шампион Баерн Минхен, фудбалерот има само една желба и тоа е Барселона. За првпат откако повторно по минатото лето кога пропадна трансферот се актуелизира можноста за преселба во Барселона, се огласил и самиот фудбалер.

„Сакам да се приклучам на Барса, без разлика на сè. Жал ми е за тоа што се случи минатото лето. Не ме интересираат ниту проблемите со регистрацијата, ниту финансиската ситуација. Сè што сакам е да играм за нив“, изјавил Вилијамс за каталонскиот „Спорт“.

Како најава за трансферот може да биде и последната изјава на првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта кој порача дека, каталонскиот гигант е подготвен да ја плати клазулата на Вилијамс која изнесува 58 милиони евра.

Исто така претходно шпанските медиуми пишуваа и дека тоа нема да се случи до крајот на овој месец со цел трансферот да влезе во пресметките за наредната финансиска година.