Поранешниот шеф на Формула 1 уапсен поради поседување оружје
Деведесет и петгодишниот Еклстоун пристигнал во Португалија со приватен авион од Швајцарија, заедно со сопругата Фабијана. При рутинска контрола, властите го откриле оружјето, по што британскиот милијардер бил задржан и испрашуван.
Самиот Еклстоун, сепак, ги отфрли информациите дека бил формално уапсен. Тој објаснил дека оружјето го донел од Швајцарија за да учествува во спортско стрелање, но признал дека при патувањето ја немал потребната документација за внесување во Португалија. Според неговата верзија, по пристигнувањето поминал низ царинската контрола без проблеми, но подоцна бил запрен од службени лица кои побарале дополнителна проверка. По неколку часа, ситуацијата била решена, а оружјето било предадено на властите.
Ова не е првпат Еклстоун да има проблеми со властите поради оружје за време на патување. Сличен инцидент му се случи во Бразил во 2022 година, кога кај него било пронајдено оружје без соодветна документација. Еклстоун со децении беше една од најмоќните фигури во Формула 1 и има огромна заслуга за глобалниот развој на шампионатот. На чело на комерцијалниот дел од „кралската класа“ беше до 2017 година, кога спортот премина под контрола на Либерти Медиа.