
Поради коронавирусот: Ќе нема Ф1-трка во Кина ниту во 2023 година!
Организаторите на Големата награда на Кина се надеваа дека првпат по 2019 година најбрзиот циркус ќе може да се врати во најнаселената земја во светот, но тоа не е можно со оглед на правилата кои се актуелни во земјата. Во овој момент, во календарот за 2023 година повторно има 23 трки, а се размислува за можни замени.
„Во Кина сè уште е во сила 'нулта политика кон Ковид-19', што значи строги заклучувања, а настаните како тој што би се одржал на патеката во Шангај се строго забранети“, објави ФИА.
Според сегашните планови, засега има четиринеделна пауза во календарот на Ф1 за следната година и тоа од почетокот до крајот на април и не се знае дали ќе се вметне уште една трка помеѓу Големата награда на Австралија и Големата награда на Азербејџан. Прв фаворит за место во календарот е португалската патека Портимао.