Официјално: Хонда се повлекува од Формула 1

Јапонскиот производител на мотори Хонда повеќе нема да биде дел од Формула 1 и ќе се повлече по завршувањето на сезоната во 2021 година. 

Хонда се врати во Формула 1 во 2015 година, но и покрај слабиот старт успеа да направи одличен агрегат за да го направи тимот на Ред Бул конкурентен со кој соработуваше изминатите години, како и со вториот тим Алфа Таури (порано Торо Росо).

Формула 1 по 2021 година ќе влезе во нова ера на мото спортот со нови мотори и нови дизајни на болидите, па Хонда нема да биде дел од оваа револуција. Јапонскиот производител соопшти дека сите свои ресурси сака да ги насочи кон автомобилската индустрија и до 2050 година сака целосно да произведува мотори со нула емисија на јаглерод диоксид. Компанијата ќе инвестира силно во алтернативни извори на гориво, производство на моќни батерии за автомобилите и нови технологии. 

„Иако сме разочарани од фактот што нема да го продолжиме партнерството со Хонда, горди сме на заедничкиот успех изминатите години. Стигнавме до пет победи и вкупно 15 подиуми за двата тима во сопственост на Ред Бул. Сакаме да им се заблагодариме на сите во Хонда за нивната посветеност изминатиот период“, стои во дел од соопштението на Ред Бул.

Австрискиот тим сега ќе влезе во процес на пронаоѓање нов снабдувач со агрегати за сезоната 2022 година. Формула 1 сега има само три производители на мотори, Мерцедес, Ферари и Рено.