Ништо ново во Ф1: Ред Бул доминираше во квалификациите за трката во Јапонија!

Актуелниот светски шампион во формула еден, Макс Ферстапен, ќе стартува од првата позиција на утрешната трка на патеката „Сузука“ во Јапонија, откако беше најдобар во денешните квалификации.

За Холанѓанецот ова ќе биде 36. трка во кариерата што ќе ја почне од најдоброто стартно место, а успехот на Ред Бул да биде целосен се погрижи неговиот тимски колега Серхио Перез, кој ќе стартува како втор со оглед што имаше за нешто помалку од седум стотинки полошо време во најбрзиот круг.

Останатите возачи беа далеку зад нив, па третото место во квалификациите му припадна на Ландо Норис од Мекларен, кој имаше речиси три десетинки полошо време, а до него трката ќе ја почне возачот на Ферари, Карлос Саинц.

Меѓу десетте најдобри завршија уште Фернандо Алонсо (Астон Мартин), Оскар Пјастри (Мекларен), Луис Хамилтон (Мерцедес), Шарл Леклер (Ферари), Џорџ Расел (Мерцедес) и Јуки Цунода, на радост на домашната публика.