Мерцедес по старо: Ботас и Хамилтон од првиот ред, фијаско на Ферари

Валтери Ботас ќе стартува од пол-позицијата за утрешната прва сезонска трка во Формула 1 што ќе се вози за Големата награда на Австрија.

Финецот во болидот на Мерцедес имаше најбрзо време со 1:02,939 минути и за 12 илјадитинки беше побрз од својот тимски колега Луис Хамилтон. За Ботас тоа беше 12-тата пол-позиција во кариерата. Зад двата болиди на Мерцедес следува возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, додека Ландо Норис од Мекларен утре ќе стартува од четвртата позиција.

Потоа следуваат Алекс Албон, Серхио Перез, Шарл Леклер од Ферари е седми, а најдобрите десет ги комплетираат Карлос Сајнц, Ленс Строл и Даниел Рикардо. Себастијан Фетел со Ферари не успеа да се квалификува за последната сесија и утре на трката ќе стартува од 11-тото место.