Маркез се прости од Мото ГП со подиум – Фернандез победи во Валенсија, Априлија испиша историја!

Мотоциклистичкиот свет доби емотивно збогување со една од најголемите ѕвезди во својата историја. Марк Маркез ја возеше последната трка во кариерата на Големата награда на Валенсија и ја заврши на второто место, зад победникот Раул Фернандез, додека трет беше Педро Акоста.

Шпанецот настапи на златен Дукати, специјално подготвен за неговото последно појавување во Мото ГП, а околу 80.000 гледачи на патеката „Рикардо Тормо“ беа сведоци на неговото збогување. Маркез уште на стартот покажа дека нема да биде само статист во сопствената проштална трка. Успеа да ги мине Хорхе Мартин и Марко Бецеки и да ја преземе водечката позиција.

Сепак, Раул Фернандез имаше поинакви планови. Во вториот круг го престигна Маркез и постепено почна да ја зголемува предноста. Возачот на Априлија во продолжението ја контролираше трката, но Маркез не се откажа од обидот за победа. Во завршницата почна да ја намалува разликата, која на две круга до крајот изнесуваше околу 1,2 секунди, но Фернандез успеа да ја задржи предноста и да стигне до триумфот.

Маркез така ја заврши кариерата со уште еден подиум – 135. во најсилната класа, а зад него на целта пристигна Педро Акоста. За Шпанецот ова беше крај на неверојатна приказна во која освои вкупно 10 светски титули, од кои осум во Мото ГП, израмнувајќи го рекордот на Џакомо Агостини во кралската класа.

Неговата одлука да се повлече ја објави во петокот, непосредно пред првиот слободен тренинг во Валенсија, само неколку дена откако ја обезбеди осмата титула во најсилната категорија. Со тоа, Маркез заминува како актуелен светски шампион, по една од најимпресивните приказни за враќање на врвот во спортот.

Трката донесе и историски успех за Априлија. Победата на Фернандез, заедно со резултатите на останатите возачи на италијанскиот производител, ѝ ја донесе првата конструкторска титула во историјата.