ВАР ги спаси Столе и компанија, ама Валенсија останува без победа на домашен терен (ВИДЕО)

Валенсија и Осасуна ги поделија бодовите во натпреварот од 14. коло во шпанската Ла Лига, играјќи 1-1 на „Местаља“. Столе Димитриевски беше стартер на голот на домашниот тим, кој повторно не успеа да стигне до првата победа пред своите навивачи сезонава.

По мирното прво полувреме, Осасуна прва зададе удар. Рубен Гарсија во 63. минута ја затресе мрежата на македонскиот голман и донесе предност за гостите. Валенсија мораше да тргне по израмнување, а тоа го направи преку резервистот Уго Дуро, кој во 74. минута погоди за 1-1.

Сепак, клучниот момент не мечот се случи во финишот од мечот, кога гостите повторно ја затресоа мрежата, овојпат преку Осамбела. Судијата Алберола Рохас најпрво го призна погодокот, но по сигналот од ВАР и прегледувањето на снимката на мониторот покрај теренот, одлучи да го поништи поради игра со рака на играчот на тимот од Памплона.

На крајот, бодот остана на „Месталја“, но не и трите кои Валенсија очајно ги посакуваше. Поранешниот шампион на Шпанија по осум одиграни натпревари на домашен терен има биланс од три нерешени резултати и пет порази.