Приказната за Макс Ферстапен: Од дете-ѕвезда до - светски првак во Ф1 (ВИДЕО)

Момчето кое ја прекина доминацијата на Луис Хамилтон во Формула 1 на драматичен начин во последниот круг на трката во Абу Даби има интересен пат до врвот во „најбрзиот циркус“ во светот.

Родителите на Макс Ферстапен забележале дека тој може да стане тркач уште кога имал само две ипол години, а неговиот татко тоа го открива во големо интервју за „Би-Би-Си“, откако и тој самиот беше возач од 1994 до 2003 година.

„Макс постојано беше на неговиот четирицикл. По неколку дена откако го доби, тој го крена на две тркала, по што заврши во ѕидот, но за среќа носеше кацига, па не се повреди. Тој возеше постојано. Имаше одлично чувство со возилата, без разлика дали беа четирицикл, електричен џип и останати автомобили за деца“, вели Џош.

Таткото на новиот шампион во Ф1 открива дека возачот пораснал заедно со неговата мајка Софи Кампен кој е поранешен картинг возач и која како тинејџер се натпреварувала против Батон, Магнусен, Физикела и Трули.

„Не сакав да му вршам притисок за да почне премногу рано. Сакав да почне со спорт на шест години. Мислев дека тогаш најдобро ќе го разбере натпреварувањето“, објаснува таткото на Макс.

Меѓутоа, малиот Макс имал поинакви идеи. Неколку години по инцидентот во градината со четирициклот, Џош бил на трка во Канада со својот картинг тим кога му заѕвонил телефонот.

„Макс беше на трка во Белгија и плачеше. Имаше само четири ипол години и сакаше да вози многу добро, а тогаш почна сѐ. Откако ја завршив мојата кариера се посветив 100 отсто на неговата. Тоа ми беше работа“, открива Џош.Актуелниот шампион во Ф1 открива дека еден од најзаслужните за неговиот успех е токму татко му, кој го „програмирал“ да функционира на таков начин.

„Без мојот татко немаше да бидам тука. откако прекина да вози, се фокусираше на мене и ме подготвуваше да се покажам во најдобро светло“, вели возачот на Ред Бул.

Џош по солзите на Макс во Белгија решил да му купи мини картинг со кој го израдувал неговиот син.

„Сѐ уште го чуваме картингот. Тој е во продавницата на Ферстапен. Си реков ајде да видиме што ќе се случи, а на крајот завршивме во Формула 1. Ако немаше талент, немаше воопшто да се трудам да му помогнам, зашто картингот е скап. Меѓутоа во споредба со децата на негова возраст, тој беше пред нив. Исто така, се натпреваруваше против повозрасни деца и беше подобар“, открива Џош.

 

Макс првата трка во картинг ја имал на само седум години, додека неговите противници имале по 11 години, но и покрај разликата во години, сепак Холанѓанецот ја победил конкуренцијата.

„Рутината ни беше стандардна. Кога имаше девет или 10 години, следен чекор беше да стане јуниор. Секој викенд одевме до Италија. Неговото училиште завршуваше во 2.30 часот, по што патувавме до Италија, каде што останувавме два дена за да ги извози потребните кругови и во недела попладне тргнувавме кон нашиот дом. Тоа се 1.250 км во секој правец, по што наутро го оставав на училиште. Во Италија се натпреварувањата, таму се сите фабрики и сакав да го научам за сите трки и сакав да видам до каде е со напредокот. Исто така беше и во Генк. Два-три пати неделно одевме на трки, а не можеше да не спречи ниту дожд. Еднаш тестиравме нешто на минус два степени, а по пет круга рацете му беа смрзани. Му реков да влезе во нашето возило, да се стопли, а потоа пак се врати да вози. Не беше секогаш среќен, но мислам дека така го создаде победничкиот карактер кој го има сега“, вели Џош.

Не му требало долго време на Макс да се прослави во Холандија во мото-спортот затоа што вниманието веќе му било загарантирано поради неговиот татко, кој во тој момент беше најуспешен возач во Ф1 кој го имала државата.

Откако почна да освојува титули стана јасно дека Макс е роден за големи успеси, а неговиот татко давал максимум од себе да му помогне во намерата.

Фриц ван Амерсфорт е газда на тркачки тим за кој Ферстапен возеше во Формула 3 во 2014 година, по што се пресели во Ф1.

„Џош и Софи добија бебе кое ги има вистинските гени за успех, а потоа Макс беше програмиран да биде страшен возач. Се сеќавам дека Андре Агаси беше ‘создаден’ од неговиот татко, кој го тераше напорно да тренира, а Џош беше сличен на тоа. Дознав дека имале натчовечки тренинзи за Макс да стане тоа што е“, вели тој.

Во 2013 година Макс имаше само 16 години и беше светски шампион во највисоката категорија во картинг, па беше време да се пресели во трката со болиди.

Првата проба на Макс беше со англиско-холандски тим, кој му предложил да прави тест со нивното возило на мала патека во јужен Велс, а од клубот биле фасцинирани од талентираниот возач.

„Мислам дека беа шокирани кога пристигнаа затоа што пронајдоа патека на која имаше овци и ужасно време. Џош сакаше да го одложи тестот на Макс. Тој не сакаше да го пушти на дождот, туку чекаше патеката да стане сува, но ние инсистиравме да вози. Беше нервозна ситуација, но Макс беше како динамин. Ми беше задоволство да работам со него. Имаше одлична контрола и беше премногу брз“, вели менаџерот на Манор, Тони Шо.

Истиот тим му помогнал и на Хамилтон за првпат да вози тркачки автомобил, но ситуацијата биле поразлична. Хамилтон имал групен тест, додека Ферстапен ја имал цела трка само за себе.

„Кога возеше Луис бевме загрижени затоа што имаше други возила на патеката, а тој беше нетрпелив. Сепак, по 10, 15, 20 круга Макс ни покажа поразличен начин на возење, беше побрз и имаше поголема контрола, а не направи ниту една грешка. Ферстапен покажа дека ќе биде одличен возач“, открива Шо.

Семејството Ферстапен потоа разговарале со екипата на Ван Амерсфорт, кој се трудел да му најде болид на Макс, но немале време да набават од доставувачот.

„Немавме време. Беше февруари кога донесовме одлука. Нарачавме автомобил, но не ни беше доставен. Поради тоа позајмивме шасија, па изградивме возило, кое го имаше првиот официјален тест во Будимпешта, а Макс беше најбрз уште на стартот. Тоа е семејство Ферстапен, постојано ве фасцинираат“, раскажува Ван Амерсфорт.

Макс победи на 10 трки таа година, односно една повеќе од Естебан Окон, но ја загуби титулата од Французинот, кој во моментов вози во Ф1.

Набрзо Мерцедес и Ред Бул од Ф1 покажаа интерес за Ферстапен, но во август Макс потпиша за тимот за кој вози во моментов. Кратко потоа потпишаа договор за нивниот поранешен јуниорски тим во Ф1, Торо Росо во 2015 година. Во септември, Ферстапен ја доби лиценцата и потоа стана најмлад возач во Ф1 на 17 години и 166 денови.

По 14 месеци беше промовиран во сениорскиот тим на Ред Бул по четири трки во 2016 година, а тој славеше на своето деби во 2016 на трката за Големата награда на Шпанија.

„Возможен е таков успех кога имате неверојтен возач, а ние знаевме уште на почетокот дека Ферстапен е таков. И морам да повторам, помогна многу искуството на Џош, кој ги пренесе неговите знаења на синот. Морам да кажам дека со семејството Ферстапен не е лесно да се работи, тие имаат големи очекувања. Тие не прифаќаат второ место или било што друго, туку сакаат да бидат најдобри“, вели Ван Амерсфорт.

За многумина Ферстапен е агресивен возач, кој не се откажува од ниту една битка, а тоа го забележавме и минатата сезона во која стана светски шампион во „најбрзиот циркус“ во светот, но неговиот татко вели дека Макс го развивал тој стил уште од почетокот кога возел картинг, односно се обидувал секогаш да ги престигне ривалите кога ќе имал шанса.

„Џош возеше исто како Макс. Тоа е наследно од него. Ферстапен не може да загуби, тие не можат да го прифатат фактот дека загубиле. Макс ја доби грубата страна од Џош и неговите тркачки способности, но доби и многу работи од мајка му. Доколку беше нежен како мајка му, тогаш немаше да биде толку добар возач. А доколку беше премногу како Џош, тој немаше да е тоа што е сега, Макс е иделна комбинација од неговите родители“, вели Ван Амерсфорт.

Ферстапен во Холандија стана сензација. Тој секогаш добива голема поддршка кога вози во Белгија, Австрија, Унгарија или останати трки, а годинава се врати и трката за Големата награда на Холандија во календарот, па организаторите заработија многу пари поради одличниот Макс.

Дури четири дена по ред имаше национална забава во чест на Ферстапен, а цела држава навиваше за својот омилен возач кој е светски шампион. А трибините на трката беа полни колку што дозволи власта поради пандемијата на ковид-19.

„Ентузијазмот на луѓето во Холандија за Макс е неверојатен. Пред пет години, сите навиваа за нивната фудбалска репрезентација, но сега сите тие луѓе се зад Макс, тие го заборавија фудбалот. Ние ги сакаме страсните борци, а семејството Ферстапен е токму тоа“, вели главниот човек на Ван Амерсфорт Рејсинг.