Легендарниот Франк Вилијамс почина на 79 години

Легендарниот сер Франк Вилијамс, човекот кој мина половина век како тимски шеф во Формула 1 почина денеска на 79 годишна возраст.

Најдолговечниот тимски шеф во Ф1 во 2019 година стигна до јубилејните 50 години на највисоката функција во тимот во „октанскиот циркус“, водеше два тима во кариерата и стигна до девет конструкторски титули и седум титули кај возачите во неговите тимови во кариерата.

„Со голема жал за целото семејство на Вилијамс, основачот на Вилијамс Ф1 и поранешниот тимски шеф на Вилијамс Рејсинг, Сер Франк почина денеска на 79 годишна возраст. Откако беше примен во болница во петокот, утринава неговиот живот згасна опкружен од семејството. Франк на сите ќе ни недостига“, објавија од Вилијамс.

Франк Вилијамс е роден во 1942 година, а после една сообраќајна несреќа во 1986 година остана инвалид закован за инвалидската количка, но од тркањето никогаш не се откажа. Во 2012 година се повлече од Бордот на Вилијамс, а во 2016 година имаше сериозни здравствени проблеми кога се бореше со пневмонија и прекина да патува на трките. Лани во декември исто така беше хоспитализиран поради здравствени проблеми.