ФИА забрани: Никој не смее да работи на новите болиди за 2022 година!

Светскиот совет за мото-спортови (WMSC) изгласа неколку важни промени за иднината на Формула 1, поттикнати од кризата која ја предизвика коронавирусот.

Главните точки од вчерашното онлајн гласање е официјалното одложување на новите технички правила од 2021 за 2022 година и, уште повеќе, воведувањето забрана за аеродинамички развој на тие нови болиди, согласно промените за 2022 сезона.

Советот го промени и правилото со кое се гласаат нови правила во спортската регулатива. Наместо согласност од сите тимови, како што тоа беше досега, сега доволно ќе биде само 60 отсто од екипите да гласаат за (во случајот 6 од 10) за некои правила од спортската регулатива да бидат сменети, ако за тоа има потреба.

„Промените во спортските правила за 2020 се одобрени, со цел ФИА и Формула 1 да имаат флексибилност за да реагираат во случај на криза и да организираат натпреварувачки календар кој најмногу ќе одговара на потребите на првенството“, пишува во дел од соопштението.

Исто така, на ФИА ѝ е дадена потполна слобода во евентуалните промени на натпреварувачкиот календар, без да мора да се консултира со тимовите. Ова ќе биде важно за 2020 година, бидејќи сезоната не почна поради пандемијата со коронавирус, а првите осум трки веќе се одложени или откажени, така што за воспоставување нов календар на ФИА ќе ѝ треба потполна слобода.