Ферстапен славеше на „Имола“, Хамилтон со неверојатен кам-бек до 2.место

Макс Ферстапен триумфираше на трката за Големата награда на Емилија Ромања што се возеше денеска на патеката „Имола“ во Формула 1 шампионатот. 

Возачот на Ред Бул го презема водството од Луис Хамилтон уште на почетокот од трката и успеа да го задржи до самиот крај. Актуелниот светски шампион финишираше како втор, но имаше доста среќа денеска, бидејќи успеа да ја заврши трката само благодарение на инцидентот помеѓу Валтери Ботас и Џорџ Расел.

Пред овие двајца возачи да се судрат и да предизвикаат прекин на трката во 33-тиот круг, Хамилтон излета од патеката и заврши во песокот. Поради истакнатото црвено знаме, тој остана во трката на 9.место. Од оваа позиција и ја продолжи трката, па на крајот успеа да се избори за второто место. 

Лендо Норис од Мекларен заврши на третата позиција, пред двајцата возачи на Ферари, Шарл Леклер и Карлос Сајнц Џуниор. Во поени влегоа и Даниел Рикардо, Ленс Строл, Пјер Гасли, Кими Раиконен и Естебан Окон.