Ферстапен извозе за пол-позиција, а потоа истури дожд во Сао Пауло

Квалификациите за трката на Интерлагос, в недела, за големата награда на Бразил, за малку се протнаа пред дождовното невреме во Сао Пауло, кое дозволи само неколку „суви минути“ во решавачката, трета квалификациска сесија. И тие беа доволни за Макс Ферстапен да ја забележи 11. пол-позиција оваа сезона, 31. во кариерата.

Уште пред да почнат квалификациите јасно беше дека ќе има силен дожд, па постојано висеше таа опасност. Затоа, кога почна третата сесија, сите побрзаа да остварат најбрз круг со гуми за суво, а најдобриот резултат го забележа Ферстапен, 1:10.727. 

До него, во првиот ред ќе стартува Шарл Леклер од Ферари, а по него двајцата пилоти на Астон Мартин, Ленс Строл како трет и Фернандо Алонсо четврти. По нив, во третиот ќе се наредат двајцата пулени на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел. Вторите возачи на Ферари и на Ред бул, Карлос Саинц, односно Серхио Перез се пласираа на осмото, односно деветтото место.

Главната трка на Интерлагос ќе се одржи в недела од 18 часот, но возбудувања ќе има и утре, со спринт-трката. Квалификациите за неа се од 15 часот по централно-европско време, а трката во 19.30.