Британската влада даде зелено светло: Ќе се одржат две трки на „Силверстоун“

Формула 1 е многу близу до старт на сезоната, откако синоќа беше потврдено од Британската влада дека може да се одржат две трки на патеката „Силверстоун“ летово. 

Луѓето кои се инволвирани во елитни спортови ќе бидат исклучени од протоколот за влез во Велика Британија, односно не мораат да бидат во 14-дневен карантин штом влезат во земјата. Спортовите во кои тие учествуваат ќе мора да поднесат детален план за нивните движење и активности.

Формула 1 се подготвува да почне со сезоната на стартот на јули, кога треба да се одржат две трки во Австрија на патекта „Ред Бул ринг“. Сега бидејќи и „Силверстоун“ доби зелено светло од британските власти, челниците на Ф1 веќе имаат четири трки од предвидените осум на европско тло.

Трките очекувано ќе бидат затворени за навивачите. Откако сезоната ќе започне во Австрија со две трки, потоа е предвидено да се одржи и Унгарското гран при во Будимпешта. Трките на „Силверстоун“ би требало да се одржат на почетокот од месец август, а потоа да следат трки во Шпанија, Белгија и Италија.