Астон Мартин го задржува тандемот Строл - Фетел и во 2022 година

Во тимот на Астон Мартин нема да има промена кај возачите, па Ленс Строл и Себастијан Фетел повторно ќе бидат во зелените болиди на англискиот тим и следната сезона во Формула 1. 

Веќе подолго време беше јасно дека Астон Мартин не планира промена во својот возачки ростер, но подолго време се преговараше со Фетел поради одредени клаузули во неговиот договор. Германецот конечно ги разреши сите дилеми и втора сезона ќе вози за Астон Мартин.

„Возбуден сум што ќе бидам со тимот и следната година, кога Формула 1 влегува во една нова ера. Тоа ќе биде комплетно различен болид, а ќе имаме и многу нови технички правила. Верувам дека промените ќе придонесат за многу поинтересно натпреварување, како за нас возачите, така и за навивачите“, рече Фетел, кој претходно возеше за Ферари, а најголемите успеси во кариерата ги имаше во Ред Бул, кога освои четири шампионски титули.