Вардаров атак по бод(ови): Сосиедад нека игра фудбал, на крај да биде црвено-црна радост!

Вардар испиша историја со пласманот во Лига Европа, воведните два меча во големото друштво ги загуби, но скопјани и тоа како се радуваа на првиот историски гол против Розенборг, па на ред е Скопје да слави и прв(и) бод(ови). На мегдан на црвено-црните, вечерва на Националната Арена „Филип Втори“, им доаѓа фаворизираниот Реал Сосиедад (19 часот) во третото коло во Лига Европа.

Многу други клубови, фаворити на хартија дошле во Скопје насмеани и сигурни во победа, но заминале тажни и разочарани, соочувајќи се со компактноста и инаетот на македонскиот шампион, кој годинава и тоа како ја израдува фудбалска Македонија. Нема сомнеж дека Сосиедад е голем фаворит, дека игра фантастично, дека има фудбалери полни со талент, технички потковани до максимум. Нема сомнеж дека и Вардар го чека можеби и (по)тешка задача од таа со Зенит, затоа што традиционално Македонија резултатски лошо минува против шпански тимови и репрезентации, затоа што ќе треба многу умно да го искористи помалкиот посед на топка, за да стигне до завршница и да реализира.

Но, црвено-црните покажаа и со Малме, и со Копенхаген, посебно со Фенербахче дека има капацитет за освојување на бодови. Двата порази на стартот не ги деморализира, па самодовербата на најубав начин е вратена со триумфот со Шкендија. Сега, останува вечерва квалитетот да се покаже против тимот кој доаѓа од земја што децениски доминира во европските клупски натпреварувања (Шпанија има 12 трофеи во Лига на шампиони и Лига Европа во последните 12 години).

Вардар денеска има шанса да напише нова страница во историјата, ем затоа што Македонија никогаш досега не се радувала против Шпанци (12 меча – 12 порази), ем затоа што ова е можност и за бод(ови) во големото друштво, како потврда дека македонската гордост заслужува да игра во групи на Стариот континент.

Баскијците вечерва ќе сакаат да играат фудбал, традиционално шпански. Ќе ја имаат контролата на топката, ќе играат со безброј додавања, со познатата „тика-така“, но веќе неколку години многупати се покажало дека тој фудбал полека станува и стерилен и досаден и не секогаш носи резултат. Пред Вардар е предизвик со цврст блок, да ги одбива нападите и со противнапади да го загрози голот.

„Ние од меч во меч сме во нагорна линија, а тоа се виде со Розенборг по поразот од Зенит во првиот меч, а и по победата со Шкендија. Сега имаме самодоверба и подготвени сме да ги освоиме првите бодови во групата. За да дојдеме до тоа ќе мора да бидеме сконцентрирани од прва до последна минута, да бидеме организирани, затоа што Сосиедад е добар тим, тим што сака посед, кој игра со брзи додавања, кој играат офанзивен фудбал, даваат голови, но и примаат, што значи играат на гол повеќе. Ние сме добро подготвени и јас верувам дека тие ако и секој тим имаат слабости, што ние ќе треба да ги искористиме. И овој меч зависи се од нас, а ние играме дома пред нашата публика, и со помош на Комити, ние ќе дадеме се од себе. Имам пречуство дека ќе ги освоиме првите бодови“, вели тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски.

Пред Вардар е втората шанса за радост на домашен терен. Првата мина лошо, а последната е во завршницата на 7 декември со Розенборг. Без сомнение, одбраната денеска поврорно ќе биде на тест, но за разлика од првите два дуели, овојпат нема да се соочи со корпулентни фудбалери во скок-игра и да внимава на центаршутеви, туку ќе мора да биде далеку покоординирана и пофлексибилна, оти се соочува со тим што ќе игра фудбал по земја. Во првите две кола, тимот што прв даде гол победи. За успех, ако се следи трендот во Европа, црвено-црните ќе мора први да ја затресат мрежата.

„Имам играно против Атлетико, Гетафе и Рајо Валјекано. Имам позитивен скор со Шпанците. Немам изгубено до сега“, вели Грнчаров. „Кој прв ќе даде гол, мислам дека е многу полесно да победи. Ова лето игравме одлично на домашна сцена, само со Зенит одигравме доста слабо. Првиот меч на европска сцена (со Зенит – н.з.), да не кажам случајно, но брзо примивме гол, додека на вториот меч одигравме доста квалитетно, не реализиравме доста шанси и изгубивме 3-1. Се надевам сега во третата шанса, трета среќа. Играме против една шпанска екипа, која игра доста квалитетно со голема техника, со многу кратки додавања. Ако дадеме први гол, мислам дека Вардар може да победи и да ги освои првите бодови“, додава капитенот.

Судија на мечот е Азербејџанецот, Алијар Агхаев, добро познат арбитар за вардарци затоа што им судеше на гостувањето на Кипар пред три сезони во ремито 0-0 во квалификациите за Лигата на шампионите.