
Вардар, Работнички и Силекс го почнуваат европското лето
Шкендија со ремито во Велс против ТНС го отвори европското лето за македонските екипи, денеска на теренот ќе истрчаат оние кои играат квалификации во Конференциската лига.
Домаќин е само Вардар, црвено-црните подновени со неколку засилувања ова лето, целат на победа против Ла Фиорита од Сан Марино, пречка која мора да биде помината.
Иако на хартија Вардар е неносител, Ла Фиорита беше извлекувана од привилегираниот барабан, во реалноста македонскиот тим е огромен фаворит во овој меч и сѐ освен победа ќе биде неуспех.
Вардарци сакаат уште денеска да си ја завршат работата и да обезбедат резултат кој ќе им донесе мирен реванш во Сан Марино.
Натпреварот меѓу Вардар и Ла Фиорита се игра на Градски со почеток од 20:30 часот.
Половина час порано Работнички ќе го почне натпреварот против Торпедо-Белаз, белоруски претставник кој поради војната на Русија со Украина ќе биде домаќин во Унгарија.
Играњето на неутрален терен оди во прилог на македонскиот тим, но тоа треба да се искористи. Торпедо е благ фаворит на денешниот меч, Работнички ќе се обиде да се врати дома со позитивен резултат.
Од 20 часот и Силекс ќе го почне својот натпревар. Кратовскиот тим му гостува на црногорскиот Дечиќ.
И во оваа пресметка нема голем фаворит, целта на кратовскиот тим е денеска да остане непоразен, да се врати со добар резултат, а за седум дена во Скопје да се брка пласман во следното квалификациско коло.
Конференциска лига прво квалификациско коло:
Вардар - Ла Фиорита 20:30 часот
Торпедо Белаз - Работнички 20 часот
Дечиќ - Силекс 20 часот